North Macedonia / Северна Македонија

Пазарот на онлајн медиуми во Северна Македонија забрзано се развива. Во текот на изминатите неколку години, медиумските организации кои дејствуваат преку интернет сè повеќе го привлекуваа вниманието на јавноста, нудејќи пишана, аудио и видео содржина. Во Северна Македонија е лесно да се отворат такви медиуми, но нивното финансирање е главниот предизвик со кој тие се соочуваат. Голем дел од медиумските организации кои беа интервјуирани за „Project Oasis“ имаат многу мали редакции (со најмногу  10 луѓе) и зависат или од средствата на донаторите  или од реклами. Други пак медиумски организации, кои јавноста ги препознава како независни, не се во можност да влијаат многу на пазарот токму поради отсуството на стабилни извори на финансирање.

ОПШТИ ИНФОРМАЦИИ

Медиумски организации во директориумот
12
Вид организација
  • Профитна: 25,0%
  • Непрофитна: 66,7%
  • Хибридна: 8,3%
  • Сè уште неоснована / нерегистрирана: 0,0%
Родова припадност на основачите
  • Машки: 35,1%
  • Женски: 64,9%
Какви теми покрива
  • Хиперлокални: 0
  • Меѓународни: 4
  • Локални: 1
  • Национални: 7
  • Регионални: 0

Во услови на она што многумина го нарекуваат „ера на изумирање на медиумите“ предизвикана од пандемијата, економската нестабилност, дезинформациите и војната, никнаа голем број нови видови независни медиуми.

Додека традиционалните медиуми во текот на изминатата деценија продолжија со намалување на бројот на вработени, дигиталните медиуми доживеаја свој процут низ цела Европа со пополнување на медиумските празнини, привлекувaјќи ја  разочараната публика и воведувајќи за  прв пат нови начини на споделување клучни информации.

И покрај политичките, економските и јазичните разлики кои ги карактеризираат овие 40+ земји во кои го спроведовме истражувањето, сите 540 дигитални медиумски организации кои се дел од директориумот на „Project Oasis“ се соочуваат со голем број заеднички слични предизвици и можности.

Меѓу нашите клучни сознанија, ги издвојуваме следниве:

  • Тие користат социјални медиуми за таргетирање помлада публика, испраќаат известувања за вести преку Telegram за да избегнат цензура и обучуваат граѓански новинари за да допрат до ранливите и маргинализирани заедници.
  • Над 85 % од нив изјавија дека прашањата поврзани со општеството и човековите права се клучни области што тие ги покриваат, вклучувајќи теми поврзани со миграција, бегалци, родови прашања и феминизам.
  • Над 50 % од нив вложуваат  ресурси за истражувачко новинарство, а голем број и меѓусебно се здружуваат за да покријат стории надвор од границите.
  • Над 58 % од основачите на медиуми вклучени во овој извештај се жени. Тие покажуваат високо ниво на соработка и повеќето имаат двајца или повеќе коосновачи.
  • Медиумите основани од тимови составени од мажи и жени остваруваат највисоки приходи, кои, во просек, изнесуваат 509.740 евра на годишно ниво.
  • Оние медиуми кои вложуваат во развој на бизнисот создаваат поодржливи организации. Медиумските куќи кои имаат најмалку еден вработен кој е посветен на генерирање приходи имаат пријавено просечен годишен приход кој е шест пати повисок од приходот на оние кои немаат вработени со таква позиција: 598.539 евра наспроти 95.629 евра.
  • Повеќе од половина од медиумите опфатени со оваа студија се непрофитни организации, а голем дел од оние профитните вложуваат повеќе во новинарство, отколку во создавање профити.
  • Кај непрофитните медиуми, главни извори на приходи се грантовите, индивидуалните донации и членарините (по тој редослед). Кај профитните медиуми, главни извори се: рекламирањето, претплатите на веб-страницата и грантовите.
  • Разноликоста на приходите е од клучно значење, но поседувањето поголем број извори не значи и поголем успех. Имањето два до шест извори на приходи се чини дека е оптимално решение за одржливост и независност.
  • Лепезата на дигитални медиуми е мошне шаренолика, од мали стартап компании раководени од волонтери посветени на нивните заедници, па сѐ до високопрофитабилни, повеќе-платформски операции кои привлекуваат милиони прегледи на страницата секој месец и остваруваат заработка од милиони евра на годишно ниво.
  • Иако мал број од медиумите опфатени во оваа студија се постари од 20 години, повеќе од половина започнале со објавување во последнава деценија. Најголем број од нив биле основани во 2016 година.

Тешко се постигнува одржливост и нема лесен рецепт за успех. Сепак, голем дел од претставницитена медиумите што ги интервјуиравме докажуваат дека е можно да се најде поддршката што им е потребна за да им служат на нивните заедници.

„Без олигарси, без заклучување на содржината со претплата. Само вашите донации и нашиот труд“ е слоганот на чешкиот дигитален медиум „Deník Referendum“ основан во 2009 година. Главниот уредник Јакуб Паточка ни раскажа за неговиот метод: „Читателите кои сакаат да дебатираат [во делот за коментари] под нашите написи плаќаат надоместок. Овој пристап ни дава скромен приход, а помага и да се одржи квалитетот на дискусијата.“

Медиумските правни субјекти финансирани преку придонеси од членовите претставуваат интересен модел присутен меѓу некои од публикациите во нашиот директориум. Во Обединетото Кралство, членовите на  „The Bristol Cable“ се и „демократски акционери“, што значи дека тие може да присуствуваат на годишните генерални собранија на организацијата, да гласаат на уредничките кампањи и да се кандидираат на избори за членови на неизвршниот одбор.

Најголем дел од медиумите што ги мапиравме за да го создадеме нашиот директориум биле основани од новинари, честопати со ограничени ресурси и деловно искуство, но и покрај овие (и голем број други) предизвици, многумина рекоа дека очекуваат да растат во следниве години.

Некои ќе им бидат добро познати на читателите кои работат во медиумската област, но веруваме дека ќе наидете на неколку изненадувања меѓу многуте инспиративни примери што ги најдовме во Европа. Сепак, не сметаме дека оваа прва верзија на „Project Oasis“ ги претставува сите медиуми што треба да бидат вклучени во нашиот европски директориум.

Голем дел од сознанијата до кои дојдовме преку оваа студија беа доследни со нашите претходни истражувачки проекти, а со цел да дадеме поширок контекст и точки за споредба, во извештајот даден во продолжение детално ги анализираме сите горенаведени клучни наоди.

Овој истражувачки проект беше спроведен со помош на методологијата што ја изработивме во SembraMedia кога тргнавме во потрага по слични медиуми во заедниците од шпанско говорно подрачје во Латинска Америка, Шпанија и во Соединетите Американски Држави во 2015 година. Откако го започнавме „Project Oasis“ во 2022 година, над 60 луѓе работеа на овој проект, вклучително 34 истражувачи со локално искуство, кои извршија мапирање, анализа и спроведоа интервјуа на повеќе од 30 јазици.

Важно е да се нотира дека овој извештај и директориум на медиуми не претставуваат дефинитивна листа на сите претставници на независни дигитални медиуми во Европа. Се надеваме дека ова е само првиот чекор во тековниот истражувачки проект кој планираме да го развиваме понатаму. 

Инспирирани сме од иновативноста, одлучноста, храброста и честопати наградуваното новинарство што го создаваат предводниците на медиумите кои великодушно одвоија време во својата набиена работна агенда за да разговараат со нашите истражувачи.

Како што увидовме од претходните студии, со истакнување на медиуми како што се оние кои се дел од директориумот на „Project Oasis“, може да им се помогне на предводниците на тие медиуми да разменуваат знаења, да соработуваат и да добијат поголема видливост и признание од организации кои може да ја обезбедат клучната поддршка што ним им е потребна и што ја заслужуваат за да продолжат со својата работа.

Низ овој извештај како и во Project Oasis media directory кој го придружува, фразата „дигитални медиуми“ претставува иницијатива која почна да се реализира онлајн и која ги објавува своите содржини ексклузивно или примарно на интернет. Со цел да обезбедиме разноликост за читателите, употребуваме и други термини наместо „дигитални медиуми“ како „публикација“, „аутлет“ или „организација“. За споредба, „примарно дигитално“ е повеќе употребуван термин кој се однесува на печатените или радиодуфузните правни субјекти кои подоцна почнале поголем дел или целата своја содржина да ја објавуваат онлајн.  

Слобода на печатот

Слободата на печатот во Северна Македонија е значително подобрена во споредба со периодот пред 10 години, кога затворањето на новинарот Томислав Кежаровски го насочи вниманието на јавноста кон правата на новинарите. Според Индексот на слобода на печатот на „Репортери без граници“ (Press Freedom Index), Северна Македонија се искачила за 33 места погоре во споредба со 2021 година, односно за 59 места во однос на 2013 година (кога се наоѓаше на 116 место). Според статистичките податоци на Здружението на новинари на Македонија, во 2017 година имало 12 случаи на напади на новинари и медиумски работници, додека пак во 2022 година биле регистрирани најмалку четири напади. 

Државата назначи јавен обвинител за предмети во кои се вклучени новинарите како сведоци или во кои тие биле нападнати или пријавени. Дополнително на ова, бројот на тужби за клевета и навреда е намален по декриминализацијата на клеветата и навредата во земјата во 2012 година, како што се вели во извештајот Показатели за степенот на слобода на медиумите и за безбедноста на новинарите за 2021 година на Здружението на новинари на Македонија. Сепак, нападите преку интернет, особено на жени новинари – кои се најчесто родово базирани – остануваат честа појава, за што известува Здружението на новинарите од податоците собрани преку една неодамнешна анкета спроведена во врска со нападите врз новинарите и медиумските работници во периодот од 2017 до 2021 годна.

Структура на пазарот и доминација

Медиумскиот пазар во Северна Македонија е фрагментиран, со еден национален јавен сервис  и неколку приватни ТВ и радиостаници од една страна и, од друга страна, со над 150 онлајн медиуми кои не се регулирани со закон. Големиот број на онлајн медиумски организации се должи на тоа што онлајн сферата не е регулирана, односно секој може да основа онлајн медиум.

Во последните пет години, бројот на радиодифузерите во Северна Македонија се намали за 24, односно од 134 на 110. Телевизијата и понатаму е медиумската платформа која е најприсутна во секојдневието на луѓето, но пенетрацијата на интернетот се зголемува, се забележува во извештајот за влијанието на новите медиуми врз формирањето на јавното мислење изработен од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Дигиталните медиуми сè почесто се главниот извор на информации за луѓето, имајќи предвид дека со голема брзина ги доставуваат информациите до граѓаните.

Како се финансираат медиумите

Националниот јавен радиодифузен сервис  „Македонска радио телевизија“ во најголема мера се финансира главно од државни средства и во помала мера од реклами, додека комерцијалните радио и ТВ станици во основа се потпираат на рекламите, што може да се види од анализата на пазарот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Ова е случај и со некои од онлајн медиумите во земјата, при што некои од нив, кои се основани од невладини организации, преживуваат исклучиво благодарение на грантови. Во извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги може да се забележи дека приливите на приходите во онлајн секторот се во постојан и брз раст, за разлика од рекламирањето во традиционалниот медиумски сектор кое опаѓа.

Во Директориумот   се вклучени профили на 12 дигитални локални медиумски организации од Северна Македонија. Повеќето од нив се формирани во изминатите 10 години. 

Во некои случаи, овие организации настанале како одговор на потребата за професионални медиуми и објективно информирање, како што е случајот со Центарот за истражувачко новинарство СКУП-Македонија, онлајн медиум фокусиран на поддршка на истражувачкото новинарство, и Истражувачката репортерска лабораторија Македонија која се фокусира на известување за меѓународниот и домашниот организиран криминал и корупција. 

Некои други медиуми се појавиле како одговор на потребата од повеќе локални содржини со национално значење, како што е случајот со локалната онлајн медиумска организација DUMA.mk, како и со „KumanovoNews“, кои започнаа со известување за локални настани, а потоа прераснаа во регионални и национални медиуми.

Сите овие медиуми зависат  од реклами или од грантови. Некои организации, како што е Vidivaka.mk, која е основана во 2016 година, се фокусираат на визуелизирани вести и истите ги објавуваат главно на социјалните платформи. Еден од основачите на организацијата, Мите Кузевски, објаснува: 

„Презедовме чекор кој можеби беше ризичен во тој момент, бидејќи луѓето можеби немаше да нè препознаат како медиум, но по повеќе од една година Vidivaka.mk стана препознатлив медиум кој ужива кредибилитет во јавноста, со околу 135.000 следбеници на своите социјални мрежи.“

Имено, онлајн медиумите во Северна Македонија почнуваат да доминираат на традиционалната медиумска сцена. Иако некои од овие медиуми започнаа како онлајн медиуми со едноставни веб-страници и малоброен персонал, тие сега преминуваат кон нови платформи и формати, како што се поткасти, TikTok и други форми на медиумско изразување со цел да ја споделат својата содржина во нови форми и да го зграпчат вниманието на јавноста. Најпопуларниот формат за публиката е видеото. Кога станува збор за содржината, кај публиката најголем интерес буди известувањето за разоткриени системски пропусти и корупција во општеството.

Онлајн медиумите во Северна Македонија имаат потреба од долгорочна финансиска поддршка за да продуцираат професионална содржина. Сегашната економска ситуација овозможува ограничени можности за создавање квалитетни новинарски содржини. Доколку на овие медиуми им се даде поголема финансиска поддршка, медиумскиот простор во Северна Македонија би бил во голема мера поинаков и поодржлив, нудејќи и на публиката квалитативно новинарство базирано на факти, што ќе влијае на подобрување на животот на луѓето преку носење на вистински одлуки .

 Последно ажурирање: декември 2022 година